Дводневна прошетка до Струга и Охрид – дружба, убавини и нови спомени
Во рамки на програмата за активно стареење, на 16.10.2025 година корисниците од Центарот за дневен престој на стари лица реализираа дводневна прошетка до Струга и Охрид, исполнета со дружење, релаксација и создавање нови спомени.
Првиот ден беше посветен на посетата на Струга. По пристигнувањето,прво се посети манастирот ,,Рожденство на Пресвета Богородица” во Калишта, а потоа корисниците имаа можност да прошетаат низ градот и да уживаат во неговите природни убавини и мирната атмосфера покрај реката Црн Дрим. Сместувањето беше организирано во хотел „Солферино“, каде што вечерта продолжи со заедничка вечера и мала забава, исполнета со музика, разговори и добро расположение.
Вториот ден беше резервиран за посета на Охрид. Групата го посети манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“, каде што уживаа во прекрасната природа и духовниот мир на овој значаен локалитет. По посетата, следеше прошетка низ центарот на Охрид, каде корисниците имаа можност да се запознаат со културното наследство и да уживаат во убавините на градот.
Оваа дводневна прошетка претставуваше уште едно значајно искуство за корисниците, поттикнувајќи активно стареење, социјализација и позитивна енергија.


< врати се назад










































