
Крводарителска акција 20 мај Денот на пожарникарите
Добрата соработка на Општинската организација на Црвен крст и Територијалната противпожарна единица, Крива Паланка, и годинава,по петти пат беше покажана на дело со традиционалната крводарителска акција на која се собрани 51 единица крв. Со ова и официјално беше одбележан денот на пожарникарите, 20 мај.
Од девет до петнаесет часот и припадниците на ТППЕ Крива Паланка, но и останатите граѓани имаа можност да даруваат крв.
Секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка, Дарко Пешовски истакна дека акцијата е организирана согласно сите препораки и мерки од Владата и Министерството за здравство.
– Пријавување за дарување на акцијата се вршеше исклучиво со претходно закажување на телефон или на Фејсбук- профилот на Црвен крст Крива Паланка, по што пријавените довиваа термин. Како одговорна организација во целост ги почитуваме оперативните планови на Институт за трансфузиона медицина , Црвен крст РС Македонија, и одлуките на Министерство и Владата.
-Нашата професија е одговорна и хумана, а пожарникарите се и спасители, така што освен целогодишната посветеност во служба на безбедноста на граѓаниет и општото добро, денес на симболичен начин, како и во изминатите пет години, ја покажавме хуманоста со дарување крв. Акцијата се одржува во соработка со Општинска организација на Црвен крст, Крива Паланка со кои имаме одлична соработка и поддршка во текот на целата година, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.
Противпожарната единица во Крива Паланка во 2019 беше кадровски зајакната, сега брои 16 вработени, а минатата година добија и нови униформи и опрема од општината.