мај 20, 2026

Оддавање почит на хероите кои секојдневно спасуваат животи

По повод 20 Мај – Денот на пожарникарите, Општинската организација на Црвен крст реализираше низа активности во знак на благодарност и почит кон пожарникарите – луѓето кои несебично, храбро и пожртвувано стојат во служба на заедницата.

Во соработка со ТППЕ Крива Паланка и Europe House Крива Паланка успешно се одржа тактичко-показна вежба, преку која беа презентирани знаењата, подготвеноста и координацијата при справување со итни ситуации. Вежбата претставуваше можност граѓаните и младите поблиску да се запознаат со важноста на професијата пожарникар и нивната клучна улога во заштитата на животите и имотот.

Во рамките на одбележувањето беше реализирана и крводарителска акција, со која уште еднаш ја потврдивме силата на хуманоста и солидарноста, испраќајќи порака дека дарувањето крв е највисок чин на човечност.

Посебен белег на настанот дадоа младите волонтери на Црвен крст, кои со многу љубов и креативност подготвија мафини со охрабрувачки и благодарствени пораки за пожарникарите. Овој мал, но искрен гест беше симбол на признание, поддршка и благодарност за нивната секојдневна пожртвуваност и храброст.

Црвениот крст останува посветен на промовирањето на хуманите вредности, меѓусебната поддршка и заедничкото градење побезбедна и посолидарна заедница.

Tags: , , ,
< врати се назад